Град Скопје апелира доколку се забележи појава на труење животни да се пријави во полиција на бројот 192, или во ЈП „Комунална хигиена“ на 02 3216-644 и во стационарот „Вардариште“ на 02 8201-357.
Фрлањето отров и отровни материи на јавни површини со цел труење бездомни животни е крајно неодговорна постапка, претставува сериозна опасност по здравјето и животот на луѓето и животните, а воедно е и кривично дело, соопштија од град Скопје, осудувајќи го фрлањето отров од одредени неоговорни поединци или групи.
Град Скопје во соопштението потестува дека во 2007 година е отворен стационарот за бездомни животни во Вардариште, кој го стопанисува ЈП „Комунална хигиена“, каде работи согласно принципите за хуман третман на животните - ЦНР програма (catch, neuter, release - „залови, стерилизирај, пушти“), осмислена од Светската асоцијација за заштита на животни (WSPA) и Кралското здружение за заштита на животните на Велика Британија (RSPCA). Изминативе неколку години капацитетот на стационарот „Вардариште“ е зголемен двојно. Објектот е изграден според европски стандарди и во него се сместени 48 нови боксови за сместување и хуман третман на заловените кучиња скитници, за што Градот Скопје потроши околу седум милиони денари, се вели во соопштението.