mksqen

Сеча на 30 хектари опожарена шума во Делчевско

Сеча на 30 хектари опожарена шума во Делчевско

Типографија

За да се спречи појава и ширење на растителни болести и штетници, во Делчевско ќе се врши фитосанитарна сеча на 30 хектари шума што беше опожарена во март годинава.

Според директорот на ЈПШС„ Голак“ Јордан Димитровски, по завршување на административните процедури, ќе стартува сечата на иглолисните шуми, а кај листопадните ќе се следи состојбата со болестите. 

  • Оваа сеча е неопходно да се направи за да се спречат болестите кои се појавуваат на опожарениот простор што може да предизвика дополнителен проблем кај здравата шума која е околу опожарениот простор. Во различни шуми, пристапот е различен. Административната постапка е почната, планираме санитарна сеча на околу 30 хектари површина - вели Димитровски.

И шумарскиот инженер Борче Бојчевски кој ја следи состојбата со последиците од пожарите, смета дека фитосанитарната сеча е неопходна.

  • По пожарите имаме апсолутно стопроцентно уништување на шумско земјиште што значи дека надлежните првично треба да излезат и да направат санитарна сеча, зашто овие уништени стебла се подложни на различни штетници кои се потенцијална опасност на здравата шума во непосредна близина - истакна Бојчовски.

Освен болестите кои се јавуваат во опожарениот дел, последиците на опожарената шума се многукратни.

  • Ерозијата на земјиштето може да ги активира свлечиштата на теренот, па многу од нив да завршат по сообраќајниците, исто така водените бранови можат да предизвикаат штети на локалното население. Освен ерозијата на земјиштето, со пожарот се уништуваат и општокорисните функции на шумата кои се околу пет илјади, а локалното население живее и од шумските плодови и растенија - рече Бојчевски.

Во пресрет на летниот период кога и шумските пожари се почести, Бојчевски апелира да се зголеми свеста кај локалното население за значењето на шумите и последиците од пожарите.

Само во март годинава во Пијанец и Малеш изгореа над 200 хектари шумска површина.

BLOG COMMENTS POWERED BY DISQUS
Пријавете се преку нашата бесплатна е-мејл претплата на услуги за да добивате известувања кога ќе има нови информации.

Најпопуларни вести во категорија Македонија