mksqen

Студенчишкото блато на Охридското Езеро голем економски потенцијал

Студенчишкото блато на Охридското Езеро голем економски потенцијал

Типографија

Соодветното менаџирање на природните богатства може да обезбеди долгорочна економска добивка.

Ова го порача претседателот на Европскиот огранок на Светското друштво на научници за блатни екосистеми професор д-р Јос Ферхуфен. 

Ферхуфен, кој беше во официјална посета на земјава, во изјавата кај Студенчишкото блато на Охридското Езеро истакна дека еко-системските услуги имаат голема економска вредност, а блатата како она кај Студенчишкиот канал претставува голема акумулација на такви услуги.

  • Затоа е многу важно што поскоро да се посветат на негова заштита и ревитализација. Одличен начин за баланс помеѓу зачувување на скапоцената природа и финансиска корист од регионот е отворање на Центар за истражување и посетители каде што младите охриѓани ќе можат да најдат достојни работни места и нема да го напуштаат градот - истакна Ферхуфен.

За време на престојот во Македонија Ферхуфен одржа неколку предавања за студенти во Скопје, но и за наставно-научниот кадар на Природно-математичкиот факултет, а беше и специјален гостин на тркалезната маса во организација на Здружението за заштита на животни и животна средина „Е.Д.Е.Н“.

Во Охрид го посети Хидробиолошкиот институт и заедно со членовите на Охрид ЅОЅ ги утврдуваше предложените граници на заштитената зона на Студенчишкото блато, како дел од иницираната постапка за прогласување на блатото за строго заштитена зона.

На тркалезната маса на тема „Влијанието на планираните инфраструктурни проекти врз биодиверзитетот во Охридско-преспанскиот регион“ беше забележано дека антрополошкиот фактор има направено голема штета врз природните екосистеми, што мора да биде променето.

Професорот Трајче Талевски од Охрид ЅОЅ пред учеснциите на тркалезната маса ја претстави својата анализа на биодиверзитетот на регионот насловена „Охридско-преспанскиот регион на крстопат помеѓу синилото и сивилото“, изработена за потребите на проектот.

  • За првпат во национален парк се најави компензација на природни добра. Науката треба да си ги земе работите во свои раце - изјави Талевски.

Заклучоците од тркалезната маса, како и од престојот на Ферхуфен ќе бидат доставени до сите релевантни домашни и меѓународни институции со цел да се направат заеднички напори да се зачува интегритетот на регионот и да се спречи негово уништување.

Инаку, благодарение на активностите на еколошка иницијатива Охрид СОС, Охрид наредната година ќе биде домаќин на годишниот конгрес на Светсткото друштво на научници за блатни екосистеми.

На Конгресот на Европскиот огранок на Друштвото на научници за блатни екосистеми (Society of Wetland Scientists, European Chapter) одржан минатиот месец во португалскиот град Фаро беше нагласена потребата од прогласување на Охридското Езеро и Студенчишкото блато за зони што би морале да бидат ставени под посебен режим на заштита.

BLOG COMMENTS POWERED BY DISQUS
Пријавете се преку нашата бесплатна е-мејл претплата на услуги за да добивате известувања кога ќе има нови информации.

Најпопуларни вести во категорија Македонија