mksqen

Награда за документарниот филм Езеро од јаболка во Чешка

Награда за документарниот филм Езеро од јаболка во Чешка

Типографија

Документарниот филм „Езеро од јаболка“ поддржан од Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) и Швајцарската агенција за развој и соработка ја доби престижната награда „Персеј“ на филмскиот фестивал Т-Филм во Острава, Чешка, во конкуренција на 48 документарни филмови од целиот свет.

Оваа награда на Т-филм фестивалот, кој е еден од најдобрите светски фестивали за документарни филмови кои се занимаваат со теми од екологијата, заштитата на животната средина и одржлив развој, ја доделува Чешката асоцијација на режисери и актери.

Режисерите на филмот, Љубомир Стефанов и Тамара Котевска, во 27 минути, на модерен и визуелно возбудлив начин ги доловуваат резултатите од долгогодишните напори за намалување на загадувањето на Преспанското Езеро.

Можне вешто, преку повеќе карактери, се прикажани и начините на кои виталните функции на Преспанското Езеро се обновуваат, преку промената на начинот на кој земјоделците ги одгледуваат своите култури, намалувањето на внесот на загадувачки материи од различни извори и подобрувањето на управувањето со ресурсите.

Во изминатите 15 години, УНДП, Швајцарската агенција за соработка и развој и Општина Ресен вложија 15 милиони долари за спас на Преспанското Езеро.

Последните истражувања покажуваат дека најголемиот дел на земјоделците во Преспа имаат усвоено модерни производни практики. Како резултат на тоа значително е намалена употребата на пестициди, вештачки ѓубрива и вода за наводнување. Ова намалување на внесот на загадувачки материи во езерото, овозможи да се спречи деценискиот тренд на нарушување на неговата еколошка состојба и да отпочне процесот на негово обновување, што се потврдува со редовните контроли на квалитетот на водите.

Светската промоција на документарниот филм „Езеро од јаболка“ се одржа во Скопје на 24 март 2017 година.

BLOG COMMENTS POWERED BY DISQUS
Пријавете се преку нашата бесплатна е-мејл претплата на услуги за да добивате известувања кога ќе има нови информации.

Најпопуларни вести во категорија Македонија