Првиот чекор кон подобрување на состојбата со проблематичното и несоодветно управување со цврстиот отпад во Македонија и кон долгорочно исполнување на побарувањата од различните директиви за управување со цврст отпад на ЕУ е во размената на искуствата со земјите членки на ЕУ.
Ова го истакна заменик министерот за животна средина и просторно планирање Стево Темелковски на конференцијата за одржливо управување со отпад на регионално ниво.
- Одржување чиста и здрава животна средина е одговорност на сите. Од таа причина Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП), соработува со сите вклучени носители на одлуки, како министерствата, општините, со бизнис заедницата, а се со цел успешна имплементација на политиките за управување со отпадот во Македонија. Основното јадро на активности за спроведување на политиките ќе придонесе кон подобрување на стандардите за управување со отпадот во Македонија, првенствено решавање на проблемите со еколошки несоодветното одлагање на отпадот на општинските и останатите „диви” депонии, кои треба итно да се затворат, или технички да се надградат до стандардите утврдени со закон - вели Темелковски и додаде дека овие мерки бараат практични и финансиски изводливи решенија на приоритетните проблеми.
Според заменик министерот Темелковски, активностите за спроведување на политиките за управување со отпадот во Македонија ќе придонесат кон подобрување на стандардите за управување со отпадот во нашата држава.
Раководителот на Одделот за оперативни работи 2 од Делегацијата на ЕУ Мауро Ди Вероли порача дека Македонија како земја кандидат за членство во ЕУ мора да обезбеди повеќе стандарди во повеќе области меѓу кои и животната средина и дека еден од клучните елементи е управувањето со отпадот.
- Имаме заедничко разбирање дека управувањето со отпадот е едно од најсериозните прашања во земјава во поглед на животната средина. ЕУ почна да ја поддржува Македонија во овој домен од пред неколку години, односно да ги помогнеме вашите регулативи во управување со отпадот и за воспоставување за системи за управување со отпадот во шест региони преку помош на потребните планирања и техничката документација - истакна Ди Вероли.
Тој информираше дека Европската Унија одвоила 50 милиони евра кои ќе бидат целосно употребени во секторот за управување со отпад во наредните години во Македонија.
На конференцијата која се одржа во рамките на проектот финансиран од ЕУ, „Подготовка на потребни документи за воспоставување на интегриран и финансиски самоодржлив систем за управување со отпад во Пелагониски, Југозападен, Вардарски и Скопски регион” беа презентирани политиките за отпад на Македонија, управување со отпад според стандардите на ЕУ.
Целта на проектот е да се постигне интегриран и финансиски самоодржлив систем за управување со отпад во Пелагонискиот, Југозападниот, Вардарскиот и Скопскиот регион и да се подобри животниот стандард на приближно 1.200.000 жители од 43 општини од горенаведените региони кои моментално годишно произведуваат 330 илјади тони отпад.
За време на проектот ќе бидат составени бројни студии и документи, како регионални планови за управување со отпад, стратешка оцена на животната средина, физибилити студии, анализи на трошоци, оцена на влијанието врз животната средина, основни проекти и помош при изработка на тендерска документација за договори за работа и набавки за изградба на избрани инсталации за третман и отстранување на отпад, затворање на нестандардни диви депонии и набавка на опрема за собирање и претовар на отпад во согласност со стандардите на ЕУ.