Спас за Валандово е група која преку социјалните мрежи ги повикува граѓаните да го кренат гласот против изградбата на рудникот за бакар во Казандол.
- Мораме да кажеме СТОП на загадувањето и уништувањето на Валандово и околината. Нема да останеме при очи слепи кога гледаме што не очекува! Нема да останеме ни при уста неми, за да кажеме што е добро а што лошо за нашиот роден крај. Ќе имаме загадена почва, ќе пиеме загадена вода, ќе се уништи земјоделското производство, ќе се уништи сточарството - велат од групата за спас на Валандово.
Од таму додаваат дека рудникот и сулфурната киселина што ќе испарува од него ќе бидат на само еден километар од граѓаните и поради тоа ќе треба сите да се отселат од Валандово. Затоа, повикуваат од групата, сите да излезат и на рефендум да кажат не на изградбата на рудник за бакар.
Од иницијативата за спас на Валандово велат дека процесот на ископување на рудата ќе се одвива со минирање на окното, при тоа ќе се користи експлозив, а дневно се очекуваат безброј детонации, кои ќе предизвикуваат потреси, и во така активно сеизмичко подрачје. Ваквиот процес на ископување има исклучително негативно влијание врз животната средина, експлозиите во воздухот ќе разнесуваат прашина и сулфурна киселина која сите ние треба секојдневно да ја дишеме, тоа предизвикува серизони респираторни заболувања затоа ќе треба најмалку два пати годишно да правиме преглед на нашите бели дробови и крвта, бремените жени и хронично болните многу почесто. Исто така и од добитокот во радиус од два километри ќе треба да се земат примероци од крвта и млекото минимум два пати годишно, се вели во јавниот повик за активизам за Спас за Валандово.
Процесот на обработка или перење на рудата ќе се одвива во специјални езера, а главен протагонист во процесот е сулфурната киселина која е високо корозивна материја и помага во раздвојување на металите кои се многу штетни по здравјето на луѓето, животинскиот и растителниот свет. Високите температури во лето каректеристични за нашиот регион ќе доведат до значително испарување на сулфурната кислелина во воздухот, а со тоа ќе имаме врнежи од кисели дождови од кои ќе се загрозат флората, во најголеми количини, и фауната во околината. На местото на издадената концесија на компанијата Сардич има и археолошки наоѓалишта на кои се уште никој нема работено, а тоа се Казандолска река- римска населба и Мандра Чешма- Укрепена средновековна населба, додаваат од групата.