Јавното претпријатие „Комуналец“ од Прилеп денеска ја почна тримесечната акција за чистење и разубавување на градот.
Претставници на комуналното претпријатие денеска на прес- конференција посочија дека се планира да бидат опфатени над 200 илјади метри квадратни паркови површини. Според портпаролот на ЈКП „Комуналец“ Лилјана Силјаноска-Пурдеска, акцијата ќе опфати и засадување дрвја.
- Тоа значи комплетно преуредува на парковите кај Градскиот саат, Могилата, во населбата Точила, а веќе се уредува алејата на новата булеварска улица „Димо наредникот“, како и одредени кружни текови кои треба да се обноват со нови зимзелени растенија и цвеќе. Почнавме и со варосување на дрворедите и нивна заштита.
Големата акција на пролетното чистење на градот го опфаќа и чистењето на дивите депонии. Прилеп нема проблем со управувањето на отпадот, зашто се селектира. Контејнери има на речиси сите јавно прометни површини - истакна Силјаноска - Пурдеска.
Од „Комуналец“ информираат дека за отстранување на градежниот шут, граѓаните може во секое време да се обратат до јавното претпријатие.
- За отстранување на електронскиот отпад, „Комуналец“ има опрема, бидејќи неговото складирање бара посебни правила. Ќе се чистат Дабничка и Оревоечка река, маалските паркови ќе се освежат, клупите ќе бидат одново обоени, ќе се поправат реквизитите, а некаде се изработуваат и нови детски реквизити - рече Силјаноска - Пурдеска.
Пролетната акција е традиционална и според прилепскиот градоначалник Марјан Ристески ќе трае два до три месеца. Ристески најави и реализација на повеќе проекти во следниот период.
- Ќе се дозаврши детското игралиште во населбата „Рид“ пред ООУ „Кочо Рацин“, ќе се изгради и уште едно детско игралиште на улицата „Мечкин Камен“ во оваа голема населба. Започната е изградбата и на парк со детско игралиште помеѓу зградите во населбата „Ѓогдере“, а за скоро време ќе биде готов и музичкиот парк во Врбенско маало, како и досредувањето на паркот пред театарот. Ќе се продолжи со уредување на паркот во Точила 2 околу зградите кај ООУ „Блаже Конески - истакна прилепскиот градоначалник.
BLOG COMMENTS POWERED BY DISQUS