Над 250 луѓе присуствуваа на двете предавања на Беа Џонсон за нула отпад, кои ги организираше неформалната граѓанска група „Од нула до нула“.
Беа Џонсон, која од 2008 година наваму со своето семејство произведува само по една тегла ѓубре годишно, го сподели долгогодишно искуство и своите пет „златни“ правила за нула отпад и придобивките што ги носи живеењето без ѓубре.
Идејата за нула отпад, иако нова станува сè попопуларна низ светот затоа што ги потсетува луѓето како можат да му се спротивстават на непотребниот отпад и да им одолеат на консумеристички и навидум суштински потреби поради кои страдаат човечкото достоинство, природните ресурси и животната средина.
Гостувањето на Беа Џонсон во Македонија е дел од нејзината прва европска турнеја годинава, која минува низ десет европски градови.
Џонсон зборуваше за минималистичкиот живот на своето семејство и меѓудругото, истакна: гардеробата на целото семејство може да се спакува во еден куфер, наместо паста за заби користат сода, а наместо руменило, таа користи какао во прав.
Нејзиното начело гласи „речи не, редуцирај, реупотреби, рециклирај, компостирај, и тоа само по тој редослед“. Ги поткопува предрасудите, покажувајќи преку сопствениот пример дека живеењето без отпад не само што може да биде живеење со стил, туку и носи значајни здравствени придобивки, како и заштеда во време и пари.
Џонсон вели дека придобивките од начинот на живот со нула отпад не се само придобивки за зачувување на животната средина, туку се и финансиски и значат подобрување на животниот стандард.
- Заборавете на хартиените марамчиња, на најразличните средства за хигиена, на бојата за коса, на преполните плакари и фрижидери, на сите предмети за еднократна употреба, на амбалажите и на сите замки на конзумеристичкото општество. Купувајте од втора рака и поправајте ги работите се додека е можно, а потоа, подарете ги - вели Џонсон.
Настанот е поддржан од колективниот постапувач со отпадни батерии, акумулатори, електричен и електронски отпад „Нула Отпад“, првата овластена и лиценцирана компанија за собирање, транспортирање, складирање, третман и преработка на отпадните масла и масти за јадење од растително потекло „Суниленс“ и колективниот постапувач со електричен и електронски отпад „Екон Електрон“.