Електрани на Македонија нема да бара зголемување на цената на електричната енергија за тарифните потрошувачи, а негативното салдо од работењето на почетокот на годинава предизвикано со увозот на струја заради екстремните студови ќе го надмине со извоз на струја кога ќе биде поскапа на берзите, најавија од компанијата.
Според надлежните, во моментов цената на електричната енергија на берзите е 24,5 евра за мегават час и е за 17 евра пониска од регулираната на ЕЛЕМ и додаде дека размислуваат наскоро да почнат со увоз на евтина струја и во тој период да ги подготвуваат капацитетите и да ги полнат акумулациите за подоцна кога цената на струјата ќе биде повисока од регулираната да извезуваат.
Во првите два месеца од 2017 година електроцентралите на АД ЕЛЕМ кумулативно испорачале 914.076 мегават часови електрична енергија и го натфрлиле производствениот план за 8,11 проценти или за дополнителни 70 гигават часови. Со тоа е реализирано 23,2 отсто од вкупно планираното годишно производство за потребите на тарифните потрошувачи. Термоелектраните произвеле 666.610 мегават часови или 10,1 отсто над планираното, хидропотенцијалите испорачале 230.170 мегават часови што е за 2,87 отсто повеќе од планираното, а паркот на ветерни електрани кај Богданци произведе 17.296 мегават часови електрична енергија или за 6,4 проценти повеќе во однос на предвиденото во енергетскиот биланс за овој период од годината.
BLOG COMMENTS POWERED BY DISQUS