mksqen
23
Пон, Дек
0 Нови / 7 дена

Ќе се истражуваат автохтоните круши во Североистокот

Ќе се истражуваат автохтоните круши во Североистокот

Типографија

Здружението за поддршка и развој на бизнисот и претприемништвото „Бизнис клуб“ од Крива Паланка од 1 март до 31 август ќе спроведе истражување на состојбата на повеќе видови автохтони круши во Североисточниот регион.

Станува збор за видовите петровка, илинденка, жутајка, бегрем, воденка, тиранка, какишка и трупњак, кои се карактеристични за овој дел од земјата.

Од здружението велат дека постојат индиции дека некои од овие сорти целосно исчезнале од регионот, поради што истражувањето се наметнало како потреба. Тоа ќе се изврши преку планирачки грант од 2.600 долари од Глобалниот еколошки фонд (ГЕФ), преку програмата за мали грантови.

Општа цел на проектот, како што нагласуваат од здружението, е зачувување на биодиверзитетот во Североисточниот плански регион преку предлагање и спроведување на активни мерки за заштита на автохтоните видови круши. Главните активности се истражување на индикативни локации како потенцијални средини во кои растеле овие видови круши, како и утврдувањето на нивниот тип и начин на одгледување.

Исто така, проектот предвидува и изготвување извештај за потенцијалниот пазар за овие производи, како и извештај со предлог-мерки за заштита и ревитализација на автохтоните круши во регионот. Истражувањето ќе биде во соработка со професори и експерти од катедрата за овоштарство  при Факултетот за земјоделски науки и храна при Универзитет Свети Кирил и Методиј од Скопје.

BLOG COMMENTS POWERED BY DISQUS