mksqen
23
Пон, Дек
0 Нови / 7 дена

Ќе се заживува компостирањето на југоистокот

Ќе се заживува компостирањето на југоистокот

Типографија

Размислуваме за компостирање - Посветени на одржување на органскиот синџир, e проектот што Југоисточниот плански регион ќе го имплементира во партнерство со  Асоцијацијата на југозападни општини  од Бугарија.

Директорката  на Центарот за развој на Југоисточниот плански регион Жулиета Ѓуркова на презентацијата на проектот истакна дека главната цел е да се подигне јавната свест за намалување на количините отпад, а истовремено да се научи тој да се преработи и повторно да се употреби, со што крајниот резултат би бил поголема заштита на животната средина.

  • Со проектот ќе бидат офатени сите 10  општини од Југоисточниот регион во Македонија  и уште 17  општини од Југозападна Бугарија. Притоа ќе бидат набавени 800 компостери од кои половина ќе бидат наменети за домаќинствата од Југоистокот, а останатите  за домаќинствата во регионот на проектните партнери. Доделувањето на компостерите ќе биде преку јавен повик, а дополнително ќе се организираат инфо денови за сите оние кои ќе ги добијат компостерите со цел подобро разбирање на процесот и нивна  правилна употреба - вели Ѓуркова.

Компостирањето како процес не е доволно застапено во Македонија, па и на Југоистокот иако имало неколку обиди за тоа. Процесот се состои во тоа што отпадот наместо да заврши на депонија преку селектирање да се собира, компостира и да биде претворен во органско ѓубриво. Со намалувањето на отпадот ќе се добие поздрава и поубава животна средина, што всушност е целта на овој проект. Компостирањето ја подобрува структурата на почвата и овозможува да се задржат хранливите материи, влагата и воздухот за подобрување на растот на растенијата.

Според Ѓуркова во рамки на проектот е предвидена изработка на промотивни видеа и брошури во кои ќе биде презентиран целиот процес на компостирање, стимулација и интензивирање на прекуграничната соработка помеѓу граѓаните и институциите, но и претворање на органскиот отпад во корисно органско ѓубриво. Меѓу активностите спаѓаат и инфо денови, работилници, студии, тренинзи за компостирање во прекуграничниот регион.

Планирани се две студии за „Анализа на потенцијалите на компостирање во пограничниот регион”. Студиите ќе содржат информации за потенцијалите за компостирањето со кои располага нашиот регион како и бенефитите од употребата на овој процес. Проектот е финансиран од Европската Унија преку Интеррег-ИПА Програмата за прекугранична соработка Бугарија-Македонија, ќе се имплементира 15 месеци. Вкупниот буџет  за реализација изнесува 117 илјади евра.

BLOG COMMENTS POWERED BY DISQUS