Подружницата на Акционерското друштво ЕЛЕМ, хидроенергетски систем „Црн Дрим“ кој ги опфаќа хидролектраните Шпилје и Глобочица почна голема акција за чистење на Дебарско Езеро од отпадот, кого го има во големи количини.
Иако не е во нивна надлежност чистењето на отпадот од езерото, вели директорот на ХЕС „Црн Дрим“ Тони Маркоски, сепак, ова го прават во рамките на грижата што ЕЛЕМ ја посветува на заштитата на животната средина.
- Во рамките на нашите технички можности и како компанија која се грижи за заштитата на животната средина, секоја година спроведуваме акција за чистење на езерото од отпад. Денеска почнавме голема акција во која се вклучени наши работници и возило. Само денес, кај месноста Мелнички Мост, собран е отпад во 100 вреќи кој потоа е транспортиран во дебарската депонија. Акцијата ќе продолжи се до целосно отстранување на отпадот - вели Маркоски.
По обилните дождови минатиот месец, а што е редовна појава, во пролет и наесен, Дебарско Езеро беше преплавено со отпад, посебно пластичен, кој во езерските води се внесува преку реките Радика, Црн Дрим и другите притоки во овој регион.