Традиционални кривопаланечки специјалитети, еко-храна, органски производи од поднебјето на кривопаланечкиот крај и Осоговието, беа изложени на годинашната манифестација „Кривопаланечка еко храна“.
На хуманитарен штанд беа поставени дел од специјалитетите кои се продаваа без одредена цена, како донаторски прилог за лица од семејства во социјален ризик кои ќе ги добијат собраните средства во координација со ОО Црвен Крст, Крива Паланка.
Манифестацијата е во организација на општина Крива Паланка, со поддршка на Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство на Република Македонија.
- Ова е настан кој претставува празник на здравата храна. До минатата година беше своевидна компиријада, но ја преиначивме во фестивал на здрава храна, на органски производи произведени во чиста и здрава средина, на чист воздух под Осоговието. На штандови се изложени специјалитети од вредните домаќинки, но и од угостителите од градот, а на моја радост, одзивот и интересот на граѓаните е голем - вели Арсенчо Алексовски, градоначалник на Крива Паланка.
На градскиот плоштад на изложбени штандови своите кулинарски вештини за подготовка на разни еко-специјалитети и рецепти ги претставија пензионерките од клуб на пензионери при општинската организација на Црвен крст, актив на жени пензионерики, приватни угостителски објект и домаќинки.
Манифестацијата имаше награден карактер, беа предвидени три категории за најдобар вкус, декорација и автентичност, но жири-комисијата одлучи сите девет групни изложувачи да бидат наградени со иста награда. Парични награди добија и учениците од основните и средното училиште кои твореа на тема Еко - храна.
Учествуваа и децата од градинката Детелинка, кои подготвија изработки од компир, а се претставија и ученици од угостителската паралелка од СОУ „Ѓорче Петров“.
Културно-уметничката програма ја збогати настапот на Нино Величковски, а настапија и фолклорните друштва 8 Октомври, Карпош и Фолклористи.
Автентичноста на настанот ја надополни декоративниот штанд со етно-мотиви на национала установа Центар за култура Крива Паланка, се одржа дефиле со стари носии од Кривопаланечко, а на посебен штанд изложи сувенири и ЛУ Градски музеј, Кр.Паланка.