Здружението Бела Виста утре во местото Петочко водиче во тетовското село Беловиште организира Саем на костенот, медот, виното и на традиционалната трпеза, под името Шарпланинска костенијада.
Саемот е во рамките на нивните активности за креирање еко-рурални туристички производи во шарпланинскиот регион.
На манифестацијата ќе има многу излагачи на производи, пред се од костенот и традиционалното негово користење, како и скари на кои ке може да се пробаат специјалитетите, како шарската плескавица со костен.
Исто така ќе бидат застапени производителите на органски мед, исто така костенов, и за нив ќе има натпревар. Се најавува и присуство на претставниците на старите занаети како и на излагачите со старини и на најмалиот етно музеј во светот.
На саемот ќе може да се дегустираат многу производи изготвени од членовите на Бела Виста, партнерските организации и учесниците. Организаторите најавуваат и дека ќе може да се купи шарпланински костен по откупна цена, како и познатиот тетовски грав, јаболка тетовка,ореви,и други домашно одгледувани органски производи по саемска цена изложена од самите одгледувачи. На продажба ќе има и селектиран костенов расад.
Во рамките на фестивалот ќе се организираат и неколку тури и прошетки, и тоа до Беловишкиот водопад кој е најголем во Македонија, до Доброшко езеро кое е едно од шарските очи, до Вратничка ливадица, како и до малото планинско езеро обиколено со костенова шума, Сенокос.
BLOG COMMENTS POWERED BY DISQUS