mksqen
23
Пон, Дек
0 Нови / 7 дена

Меѓународна жалба за заштита на Охридско Езеро

Меѓународна жалба за заштита на Охридско Езеро

Типографија

Група граѓански организации поднесоа жалба до Бернската конвенција за заштита на природата против проектите што се предвидуваат во регионот на Охридско Езеро и на планината Галичица.

Организациите Фронт 21/42 и Еко Свест ја објавија иницијативата за подигнување на борбата за заштита на Охрид и езерото на меѓународно ниво. Претходно, по иницијатива на овие организации, беше замрзнато финансирањето од Европската банка за обнова и развој на браните во Националниот парк Маврово, а со тоа и нивната изградба. Бернската конвенција е правно обврзувачка за земјите од Европа и се однесува на заштита на видовите.

Граѓанските организации веќе подолго време реагираат против планираните проекти во Охрид, како изградбата на луксузни плажи, експресен пат на Галичица, скијачки центар во Националниот парк Галичица, пресушување на Студенчишкото блато итн.

  • Во светот има само 35 подрачја што се како Охрид. Меѓу нив се Ибица и Мачу Пикчу. Но и покрај предупредувањата на УНЕСКО, продолжија постапките за развојните проекти, особено за Студенчишко Блато, кое треба да се пресуши за изградба на елитна населба. Затоа поднесовме жалба до Бернската конвенција. Од денеска почнуваме со овој меѓународен процес. Ја инициравме жалбата и се надеваме дека наредната година ќе се отвори случајот. Сметаме дека Македонија нема да ги исполни начелата од Бернската конвенција ако продолжи со развојните проекти - вели Александра Бујаровска од Фронт 21/42.

Ана Чоловиќ Лешовска од Еко Свест додаде дека Охридско Езеро е единственото во Европа што е толку старо и што не претрпело драстични промени, како пресушување и слично. Се покажало еластично на сите промени.

  • Човековото влијание сепак е пресудно и ја загрозува неговата еластичност. Галичица е жива ботаничка и зоолошка градина, на која живеат 5.330 различни видови. И од научен, и од заштитарски, и од туристички аспект, Охридско Езеро и Галичица треба да бидат заштитени - додава Лешиовска.

Организациите подготвиле картички со прашање „Дали сакаш да го зачуваш единственото УНЕСКО подрачје во Македонија“, кои ќе им ги дадат на новите пратеници на Парламентот за да ги потпишат.

BLOG COMMENTS POWERED BY DISQUS