Македонските претставници кои се вклучени во реализацијата на прекуграничниот проект за Дримскиот басен ќе одржат работна средба на која ќе се разговара за проблематичните точки во управувањето со Басенот, како и за моменталните состојби и влијанија.
На средбата, на која ќе учествуваат претставници од владините институции надлежни за управувањето со водените ресурси, јавните претпријатија, општините, научните установи и граѓанскиот сектор, ќе бидат идентификувани заинтересираните страни кои влијаат или трпат влијанија од прекуграничното управување со Дримскиот басен.
Дримскиот проект е сложен процес за управување на водените ресурски, осмислен да ги балансира интересите на многу сектори. Истовремено, тоа е и силен политички процес со учество на пет држави од регионот.
Главните цели на проектот се изготвување на Прекугранична дијагностичка анализа на Басенот, изготвување Стратешки акциски план и развивање на заедничка платформа за соработка, заеднички мониторинг систем, систем за управување со поплавите и пилот-проекти, меѓу кои и изработка на План за управување со сливот на Охридско Езеро.
„Дримскиот проект“ активно отпочна со имплементација во мај годинава со поддршка на Програмите за развој на ОН и Глобалното партнерство за води како директен спроведувач на Проектот, со учество на институциите од државите од Сливот застапени во „Дрим-Кор групата“ и експертски работни групи.