Малите хидроелектрични централи, со моќност до 10 мегавати спаѓаат во групата на обновливи извори на енергија за кои постои соодветна поддршка и кои придонесуваат за намалување на емисиите на јаглерод диоксид и немаат негативно влијание врз животната средина.
Ова го истакна заменик министерот за животна средина и просторно планирање Стево Темелковски на првата меѓународна конференција за енергетика во Македонија што се одржа во Скопје.
- Согласно определбите на Владата на Република Mакедонија за реализација на Проектот „Мали хидроелектрични централи и искористување на обновливите извори на енергија“, МЖСПП, како надлежно министерство за спроведување на постапките за доделување на концесија за користење на вода, изработи “Физибилити студијата за оправданост на доделување на концесија за користење на вода за производство на електрична енергија со изградба на 80 мали хидро-електрични централи”, и врз основа на неа ги спроведе шестиот и седмиот тендер за реализација на вакви енергетски објекти - истакна Темелковски.
Шестиот тендер за доделување концесија за користење на вода за 80 мали хидро-електрични централи е спроведен во 2014 година, врз основа на кој се одвиваат активности за 28 мали хидроелектрани со инсталирана моќност од околу 29 мегавати. Седмиот тендер е објавен во февруари оваа година и со истиот се опфатени 35 локации од студијата, со проценета инсталирана моќност од околу 28 мегавати.
Темелковски информира дека Министерството во тековнава година спровело дополнително уште една постапка за 11 мали хидроелектрични централи, на локации предложени од заинтересирани правни и фоизички лица за кои се утврдило дека постојат реални услови за реализација.
- Во наредниот период, планираме да започнеме постапка за изработка на Физибилити студија за оправданост, на нови локациии за мали хидроцентарли, со што ќе се продолжи со реализацијата на една од долгорочните цели на Владата на РМ во енергетскиот сектор, за зголемено искористување на обновливите енергетски извори и производство на еколошки чиста „зелена“ електрична енергија - рече Темелковски.
Конференцијата е организирана од страна на консултантските фирми „Манасков“ и “Технички Консалтинг“, во соработка со Сојузот на стопански комори на Република Македонија.
BLOG COMMENTS POWERED BY DISQUS