mksqen

Трет конгрес на геолози на Македонија

Трет конгрес на геолози на Македонија

Типографија

Над 250 геолози и експерти од Македонија и странство ќе разговараат за геологијата и општеството, фундаметалната геологија и геологијата и економијата на третиот конгрес на геолози, што ќе се одржи од 30 септември до 2 октомври годинава во Струга.

Ова на денешната прес-конференција го најави државниот секретар во Министерството за животна средина и просторно планирање Соња Лепиткова.

  • Акцентот ќе биде на геологијата и на нејзината поврзаност со екологијата. Геологијата е поврзана со климатските промени, со земјотресите и со други феномени кои што денеска и се случуваат на Земјата, како стакленичките гасови и други нешта со кои сите на глобално ниво се справуваме. Сакаме да покажеме дека геологијата и екологијата не треба да ги гледаме затворени во рамки на еден простор и една држава, туку како нешто многу пошироко за што мора регионално и трансконтинентално да се соработува - рече Лепиткова.

Таа посочи дека теми на овој конгрес ќе бидат минеролошките и петролошките истражувања, металичните минерали, хидрогеологијата и состојбата со подземните води и чистата вода за пиење, како и геологијата и археологијата, додека главен акцент ќе биде на регионалната соработка и регионалните предизвици во делот на геологијата.

  • Современи теми кои го засегаат современиот живот, како предизвикот за обезбедување на квалитетна и чиста вода за пиење во времето што доаѓа. Главен одговор на тоа, каде и какви изворишта ќе се најдат и со каков квалитет, повторно ќе биде тежиште на работа на геолозите. Македонија изобилува со такви потенцијали, кои што не се доволно искористени. Ние сме ги откриле како геолози, но треба да бидат понудени на правни и физички лица, за да можат квалитетните термо-минерални води во Македонија што повеќе да бидат искористени - изјави Лепиткова.

Најави дека во периодот што следи ќе бидат организирани и повеќе симпозиуми, работилници и тркалезни маси со дебати на поединечни теми. На конгресот ќе бидат презентирани повеќе оригинални научни трудови на различни теми, подготвени од преку 350 автори и коавтори од повеќе земји, од кои 105 ќе бидат објавени во зборник на 730 страници.

Конгресот на геолози го организира Македонското геолошко друштво. Тој е финансиски поддржан од речиси сите компании кои работат во рударството и геологијата во Македонија.

BLOG COMMENTS POWERED BY DISQUS
Пријавете се преку нашата бесплатна е-мејл претплата на услуги за да добивате известувања кога ќе има нови информации.

Најпопуларни вести во категорија Македонија