Србија очекува потврда од Брисел дека може да ги отвори преговорите за членство од поглавјето 27, кое се однесува на животната средина, како и повик да ја достави својата преговарачка позиција.
Ова го изјавила државната секретарка во српското Министерство за животна средина и земјоделство, Стана Божовиќ. Таа додала дека во разговорите со Директоратите на ЕУ за животна средина и за климатски промени добиле уверување дека поглавјето 27 може да се отвори без никакви пречки.
Според процените, за завршување на преговорите и за исполнување на условите од поглавјето 27 на Србија ќе и бидат потребни најмногу време и пари.
- Сега ја подготвуваме преговарачката позиција. Како преговарачка група ќе бидеме подготвени да излеземе со првиот нацрт во првата половина од 2017 година - рекла Божовиќ.
Таа додала дека за приспособување на Србија со стандардите на ЕУ во оваа област ќе биде потребно да се донесат повеќе од 700 прописи и да се инвестираат околу 10 милијарди евра, а активностите да се спроведуваат во следните 25 години, што значи дека Србија од ЕУ ќе бара т.н. преодни мерила, односно одложување на почетокот на примената на некои европски стандарди за годините по зачленувањето во унијата.
Следната година Србија од претпристапните фондови на ЕУ треба да добие 100 милиони евра за инфраструктурни проекти во Брус, Блаце, Краљево и во Ниш, со кои ќе се удвојат сегашните национални капацитети за пречистување на комуналните отпадни води. Ова е еден од клучните проблеми во заштитата на животната средина во Србија.
BLOG COMMENTS POWERED BY DISQUS