Нова интерактивна мапа ги покажува пријавите од граѓаните за различни еколошки проблеми во Софија. Проектот е наречен Зелена сирена и е дел од интернет-сајтот на граѓанската иницијатива Софија - зелена престолнина. Функционира од почетокот на ноември.
Од иницијативата си поставиле за цел да им го олеснат на граѓаните справувањето со еколошките проблеми, да укажуваат на неправилности, како и да учествуваат во доброволни иницијативи.
Секој граѓанин може да сигнализира за одреден проблем, да го опише и да го посочи точното место каде што тој се наоѓа, па дури и да прикачи фотографии. Порталот им овозможува на граѓаните и преку него да иницираат акции за справување со помали проблеми, како на пример со чистење на детско игралиште. Доволно е само еден корисник да одреди ден и час за акцијата и други доброволци да се пријават.
Истовремено, експертите од организацијата ќе ги следат и ќе ги проценуваат сите сигнализирани неправилности и ќе бидат подготвени да предложат целосни мерки за нивното отстранување.
- Сакаме нашите експерти да бидат информирани што се случува во секој момент и каде, за да може да се иницираат кампањи или да се предложат решенија до градските власти - вели координаторката на иницијативниот комитет, Марија Малцева.
Со тоа, додава таа, еколошките проблеми во градот не би се решавале на парче, туку би се барале целосни решенија преку справување со причините.
- Се надеваме дека ќе станеме медијатори меѓу граѓаните и градските власти, зашто многу често активноста на населението е недоволна. Секој гледа различни проблеми и се добива една нецелосна слика - додава Малцева.