Грците се свртеле кон медитеранска исхрана, како резултат на економската криза.
Ова го покажало најновото истражување на грчкиот Центар за заштита на потрошувачите (KEPKA).
Според анкетата спроведена на примерок од 1.059 потрошувачи низ цела Грција, бројот на луѓето кои јадат во ресторани и синџири за брза храна значително е намален во споредба со 2011 година. Покрај тоа, луѓето ги менуваат нивните навики во исхраната затоа што повеќе не можат да ги купат основните прехранбени производи.
- Грците ги подобрија нивните навики за јадење и се свртеа кон медитеранска исхрана, како резултат на економската криза - вели претседателот на Центарот за заштита на потрошувачите, Никос Цемперлидис.
Лебот, зеленчукот и овошјето се вратиле на семејната трпеза. Од друга страна, црвеното месо, рибата, помфритот и безалкохолните пијалоци се ограничени само на еднаш неделно.
Слатките, мешункастите плодови, тестенините, пилешкото месо, јајцата и млекото се трошат неколку пати неделно, додека потрошувачката на јагнешко и козјо месо е ограничено на еднаш месечно.