Автори: Чарлс Ајсленд, Бетси Ото и Ричард Вејт
Промените во климата ќе донесат помалку дожд и помали количества вода во региони каде што живеат многу луѓе и каде што се произведува голем дел од храната на планетата: во средните географски ширини на северната и на јужната хемисфера, вклучувајќи го југозападот на САД, Јужна Европа и делови од Блискиот Исток, Јужна Африка, Австралија и Чиле. Како што покажуваат сценаријата на Светскиот институт за ресурси, намаленото количество вода ќе биде забележливо во тие области веќе до 2020 година, за помалку од четири години, и ќе станува се` полошо до 2030 и до 2040 година.
Сега една нова студија во весникот Нејчр ги дава првите показатели дека еден феномен што на големо се предвидуваше, веќе се случува, а тоа е движењето на облаците од средните географски ширини кон Северниот и Јужниот пол. Исто како што глечерите и поларниот мраз се топат, така и облаците се повлекуваат кон половите.
Ова ќе има огромни последици врз земјоделското производство, индустријата и енергијата, и врз снабдувањето со вода на домаќинствата. Многу земјоделски области што се наводнуваат веќе го чувствуваат притисокот врз водата. Поместувањето на облаците како последица на климатските промени, кое е познато како Хадли Сел експанзија, ќе ги стави тие области под уште поголем притисок во иднина. Земјоделското производство што се потпира на дождови, пак, од кое зависат многу сиромашни луѓе, исто така ќе страда како резултат од намалените врнежи во регионите во средните географски ширини.
Што е притисок врз водата? Тоа е стапката на користење на обновливото количество вода секоја година. Во областите со висок ризик се користи 40 отсто или повеќе од достапната вода на годишно ниво. Во областите со екстремен ризик се користи 80 отсто или повеќе. Повисокиот процент на искористеност на водните ресурси значи дека има повеќе луѓе што се натпреваруваат за ограничените количества.
Една неодамнешна студија на Светскиот институт за ресурси покажа дека субсахарска Африка ќе мора тројно да го зголеми производството на житни култури до 2050 година, за да може да го прехрани своето растечко население. Оваа цел, која и онака е тешко да се достигне, ќе биде уште понедостижна на места како Јужна Африка и Западен Сахел, каде што е предвидено дека водните ресурси ќе се намалуваат.
Освен што ќе го зголеми притисокот врз водата и ќе ја поткопа сигурноста во производството на храна, намалувањето на количеството вода во средните географски должини може исто така да придонесе да се дестабилизираат државите во овие региони, да се засилат веќе постојните политички тензии, и да доведе до вооружен конфликт и миграција, нешто што веќе го видовме на места како Сирија.
Што можеме да направиме сега во врска со овие идни закани од климатските промени? Прво, мораме подобро да ја сфатиме поврзаноста меѓу ризиците за вода и безбедноста на производството на храна. Светскиот институт за ресурси, со помош на Данида (данската агенција за меѓународна помош) и фондацијата Скул Глобал Тритс, развива онлајн-алатка што може да им помогне на креаторите на политики да ги идентификуваат жешките точки во однос на ризикот за вода и сигурноста на производството на храна. Ризиците не се секогаш очигледни. Една земја може да биде релативно безбедна во однос на количеството вода во рамките на нејзините граници, но сепак да биде зависна од увоз на храна, а таа храна да доаѓа од земји каде што земјоделското производство се соочува со голем ризик за вода. Во сиромашните земји, моментален раст на цените може да предизвика многу жители да не можат да си дозволат храна. Новата алатка на Светскиот ресурсен институт има за цел да фрли светло врз овој тип закани.
Ранливите држави исто такатреба да преземат чекори за да ги направат своите системи за производство на храна попродуктивни и поотпорни на климатските промени. Со подобрување на управувањето со земјиштето и со водите, на пример, фармерите во Африка успеаја да ја вратат загубената плодност на почвата, да ја задржуваат дождовницата пред да истече од нивите, и одржливо да ги зголемуваат приносите од нивните фарми. Неодамнешна студија на Светскиот ресурсен институт проценува дека ако се подобри управувањето со земјиштето и со водата на само 25 проценти од вкупната житница на субсахарска Африка од 300 милиони хектари, би можеле да се произведат дополнители 22 милиони тони храна.
Алатките и механизмите може да им помогнат на ранливите држави да се справат со сушите и со гладта. Мрежата од системи за рано предупредување за глад, на пример, е водечки извор на рани предупредувања и на анализи за несигурноста во снабдувањето со храна. Важни се, исто така, и осигурувањето и системите за субвенционирање, што можат да им помогнат на фармерите кога жетвата нема да биде успешна.
Поместувањето на облаците и на врнежите во светот е само уште еден видлив знак за ефектите од климатските промени. Тоа што треба да го направиме, како одговор, е да ги предвидуваме локациите и јачината на ефектите од нив, и да ја зајакнуваме отпорноста на оние што ќе бидат најранливи.
(Преземено од Светскиот ресурсен институт, World Resource Institute, www.wri.org)