mksqen
09
Чет, Дек
0 Нови / 7 дена

Мерките против загадувањето почнуваат со бесплатен јавен превоз во Скопје

Мерките против загадувањето почнуваат со бесплатен јавен превоз во Скопје

Типографија

Градот Скопје воведe бесплатен јавен превоз во сите автобуси на ЈСП Скопје и кај приватните превозници за сите граѓани на територија на Скопје се до моментот на намалување на аерозагадувањето.

Оваа мерка ја воведуваат градските власти и тоа на Светскиот ден на воздухот кога Скопје веќе се угуши во смог.

Превозот ќе биде бесплатен се додека нивото на аерозагадувањето не се намали до дозволеното ниво.

Град Скопје заедно со општините ќе ја интензивира контролата на градилиштата и  ЈП „Комунална хигиена“ ќе продолжи со интензивно миење на градските улици и булевари.

Овие мерки и препораките кои ги донесе градоначалникот Коце Трајановски се во согласност со Законот за намалување на амбиенталниот воздух и во насока на намалување на загадувањето на воздухот, а се во согласност со ингеренциите што ги има како градоначалник на Град Скопје.

Трајановски  апелира до вработените во Град Скопје да доаѓаат на работа со автобус и додаде оти службените возила ќе ги користи исклучиво градскиот инспекторат.

  • Доколку дозволат временските услови Град Скопје ќе продолжи да ги прска градските улици со средството калциум магнезиум ацетат - рече Трајановски и додаде дека за тоа имаат доволен број возила и средства.

Според него, согласно постојните закони не може да се воведе мерката пар-непар. Трајановски апелираше до министерствата да се измени Законот, со што ќе се овозможи воведување на оваа мерка во Град Скопје. 

  • Град Скопје и јавните градски претпријатија ќе ги ослободат од работа лицата над 60-годишна возраст, лицата со хронични заболувања и бремените жени - додаде Трајановски.

Град Скопје изминативе денови вршел интензивен инспекциски надзор на инсталациите што се во негова надлежност и извршил контрола над 36 инсталации со мерење на емисиите на ПМ 10 честички.

  • Утврдено е дека ниту една инсталација во наша надлежност не ги надминува граничните вредности, рече Трајановски.

Во врска со шпекулациите што се појавија во јавноста дека топланите го загадуваат главниот град, Трајановски информира дека инспекцискиот надзор спроведен од Град Скопје викендов во сите топлани, а тоа се Топлификација АД – Топлана Скопје Север, Балкан Енерџи Груп, АД ЕЛЕМ Енергетика, Топланата на Клиничкиот центар и Топланата на Болницата „8 Септември“ покажале дека сите топлани работат исклучиво на гас, односно не загадуваат и не поседуваат никаква залиха на мазут или нафта.

  • Комуналните инспектори на Град Скопје во изминатиов период направија 1.000 контроли и изрекоа 12 казни на компании заради непочитување на одредбите на Одлуката за комунален ред во Скопје - потенцира Трајановски.

Тој го повикува Министерството за животна средина и просторно планирање, Државниот инспекторат за животна средина и општините да извршат засилени контроли над инсталациите што се под нивни ингеренции. Нагласи дека инспекцијата на Град Скопје ќе продолжи со засилени вонредни ноќни дежурства и контроли на инсталациите што се во нивна надлежност.

Скопскиот градоначалник побара од Министерството за внатрешни работи да ги зајакне контролите за почитување на забраната за движење тешки товарни возила чија крајна дестинација не е Град Скопје и да се упатуваат да ја користат скопската обиколница, во согласност со поставената сообраќајна сигнализација.

  • Овие мерки и препораки ќе важат се до надминување на настанатата ситуација со загадувањето на воздухот, односно до намалување на загадувањето под прагот на алармирање - нагласи Трајановски.

Од Општина Карпош, најзагадената општина изминатите денови, велат дека ја следат состојбата со воздухот и се загрижени поради последните показатели за енормно загадување на воздухот на територијата на локалната самоуправа кои се регистрирани од мерната станица во ООУ „Петар Поп Арсов“.

Според нив останува нерешен проблемот околу преголемата фреквенција на возилата кои циркулираат по главните сообраќајници кои минуваат низ Карпош и кои главно водат кон големите трговски молови, спортски сали , хотели.

Затоа од општината апелираат до централните власти и надлежните државни институции да преземат конкретни чекори против загадувањето со сите дозволени законски мерки, ограничување во сообраќајот, лоцирањето на вистинските загадувачи во градот и околината, со цел да се намали степенот на загаденост и во Карпош, но и во градот и другите градови низ државата.

За загадувањето во Карпош Трајановски посочи дека немаат сознанија и додаде оти се испратени инспекторите на терен, дополнително по јавувањата од граѓани и информациите од медиумите.

BLOG COMMENTS POWERED BY DISQUS
Пријавете се преку нашата бесплатна е-мејл претплата на услуги за да добивате известувања кога ќе има нови информации.

Најпопуларни вести во категорија Скопје