mksqen
19
Пет, Апр
0 Нови / 7 дена

Охрид СОС: Граѓаните се гневни поради проектите во Охрид

Охрид СОС: Граѓаните се гневни поради проектите во Охрид

Типографија

За да се изгради современа пешачка и велосипедска патека од природни материјали (камени плочи и дрво), се уништува природата, реагира движењето Охрид СОС откако почна чистењето на теренот кај малиот канал паралелен со каналот Студенчишта во Охрид.

Тие велат дека биле повикани од граѓаните да фотографираат како се отстранува трската, блатните растенија, како и здрави листопадни и зелени дрвја, стои во објавата на нивната фејсбук-страница за случајот.

  • Граѓаните кои ни пристапија реагираа и нè замолија да го фотографираме и каналот, како е матен, загаден, како е претворен во паркинг за глисери и бродови. Во проектот, според најавите на градоначалникот, пренесени од медиумите, малиот канал кој оди паралелно со Студенчишта ќе биде прочистен, прокопан и ќе се изгради ново корито, а истиот на неколку места ќе биде поврзан со големиот канал од каде природно ќе се порибува. Екологистите, луѓето од риболовното друштво, и експерти, со години предупредуваат за поморот на рибите, за нивната миграција надвор од каналот, за загадувањето на водата од моторните масла, миењето на глисерите и бродовите со разни средства итн. Дали институциите паралелно ќе го чистат и главниот канал, дали ќе се дислоцираат стотиците пловни објекти, за да може да успее таа нивна идеја за поврзување на каналите и порибување? Нашите сограѓани се гневни, дека се случуваат вакви работи, дека никој никого не прашува, нема јавен консензус за некои работи, туку само се презентираат одредени идеи и без големо мнозинство се реализираат - пишуваат од Охрид СОС.

Според нив, реакциите на надлежните се речиси секогаш идентични, дека се сечеле само неколку дрвја кои се наоѓале во самиот канал или во просторот каде е предвидено негово проширување, претежно врби и тополи, како и стари дрвја со оштетен корен, кои, како што се истакнува, претставувале опасност за минувачите.

  • Се пишуваат убаво срочени соопштенија за јавност, чиниш тука е сè коректно, изработено со најмали загуби, дури и е добро што се исекле тие дрвја. Во очи на одлуката за преиспитување на статусот на културно и природно наследство, во УНЕСКО, си се туркаат проекти колку само да се остварат оние точки од програмата, никој не се грижи далекусежно, само да се потрошат планираните 600.000 денари од буџетот на општината за овој проект (податоци од предизборната програма на градоначалникот). Тоа се пари од сите граѓани, од нивните платени даноци, давачки. Ние имаме право да се побуниме, имаме право да сме информирани, да сме вклучени, но и да сме испочитувани, како граѓани, како жители - додаваат од Охрид СОС.
BLOG COMMENTS POWERED BY DISQUS
Пријавете се преку нашата бесплатна е-мејл претплата на услуги за да добивате известувања кога ќе има нови информации.

Најпопуларни вести во категорија Македонија