mksqen
22
Пет, Окт
0 Нови / 7 дена

Во неколку пожари изгорена дабова и борова шума

Во неколку пожари изгорена дабова и борова шума

Типографија

Кривопаланечките пожарникари вчера интервенирале на три пожари, од кои два се случиле во исто време, околу 16 часот, додека едниот на пладне.

Командирот на Територијалната противпожарна единица Крива Паланка, Иле Коцевски информира дека во трите пожари изгореле седум декари дабова шума и половина декар сува трева.

Сите три пожари се во приградскиот реон.

Согласно законските прописи доколку се фатат лицата кои намерно или од невнимание предизвикуваат пожар покрај прекршочна казна за плаќање должни се и да ја надоместат направената штета.

Казните за предизвикување пожар се високи и можат да достигнат и до 3.000 евра во денарска противвредност.

Во пожарот, пак, кој беснееше вчера попладне во месноста В’ко во атарот на селото Драмче во Делчево, изгореа 40 хектари млада борова шума.

  • Условите за гаснење на пожарот беа многу тешки. Сувата вегетација и ветерот придонесоа за брзо ширење на пожарот кој со натчовечки напори успеавме да го локализираме и не дозволивме да се прошири до граничната линија со Бугарија - вели Јонче Атанасов, командир на ТППЕ Делчево.

Јордан Димитровски, директор на ЈП Македонски шуми, Подружница Голак, потенцираше дека направени се милионски штети, кои допрва ќе се утврдуваат.

  • Поголем дел од дваесетгодишната борова шума е во државен имот, мал дел е во приватен. Но, мора да напоменам дека штетите не се бројат само со изгорената дрвна маса, туку и во многубројните општокорисни функции кои ги дава шумата. Штетата е огромна, овде беше млада борова шума - рече Димитровски.

Според првичните информации од надлежните, причината за пожарот е човечки фактор и најверојатно од невнимание, односно пожарот почнал од подножјето на шумата од запалено стрниште и брзо се проширил нагоре по планината зафаќајќи огромни размери на шумска површина.

BLOG COMMENTS POWERED BY DISQUS
Пријавете се преку нашата бесплатна е-мејл претплата на услуги за да добивате известувања кога ќе има нови информации.

Најпопуларни вести во категорија Македонија