mksqen
20
Пон, Сеп
0 Нови / 7 дена

Одбележан Меѓународниот ден на шумите и на пролетта

Одбележан Меѓународниот ден на шумите и на пролетта

Типографија

Под мотото „Придружете се кон глобалната акција за пошумување и борба против климатските промени - Оставете „зелена трага“ во природата !”, во Демир Капија беше одбележан Меѓународниот ден на шумите, во организација на Јавното претпријатие „Македонски шуми”.

На претходно подготвени  површини, учениците посадија околу 3.000 садници под мотото „ Шума на младите“ – жив споменик на младите за идните генерации“.

  • Обединетите Нации и членките на ФАО - Организацијата за храна и земјоделство, во 2013 година  одлучија да го прогласат овој ден за ден на шумите, со цел да се подигне свеста за важноста на сите видови на шуми и дрвја надвор од шумите. Препораките се следни, се повикуваат сите земји-членки да се посветат на одбележувањето на овој ден,  соодветно во националниот контекст, преку презентирање и промовирање на конкретни активности во однос на сите видови на шуми и дрвја надвор од шумите, да организираат активности како што се кампањи за садење дрво - информираше Јован Јованов, директор на подружницата во Демир Капија.

Настанот беше организиран  во соработка со општина Демир Капија и Јавното комунално претпријатие, со учество на учениците од Основното училиште „Димче Ангелов Габерот“, ЈП Македонски Шуми – Демир Капија и останатите локални институции, заедно со граѓански здруженија и сите заинтересирани граѓани.

Во организација, пак, на Еколошкото друштво „Вила Зора“, а со подршка од Советот на млади при Општина Велес и Општина Велес на плоштадот С’рмаале во Велес, со учество на голем број основци и средношколци како и дечињата од градинките беше одржана традиционалната еко манифестација.

На истата беа испратени бројни еколошки пораки, а дел од учесниците  возеа и велосипед низ главната градска улица до Младинскиот парк. Со тоа воедно упатија порака наместо автомобили почесто да возат  велосипед,  како  еден од алтернативните превозни средства за граѓаните, до почиста животна средина и поздрав живот.

Најмалите  - децата од градинките и основците на паноа носеа испишани еколошки пораки како: „Сакаме да живееме во чиста животна средина“, „Не загадувајте ни ја животната средина“ и слично, а своите пораки  од овој еко собир јавно ги испратија до возрасните и им порачаа да им овозможат живот и иднина во почиста животна средина.

Филип Стојкоски од Советот на млади  рече дека главната цел на манифестацијата која се одржува традиционално повеќе од десет години ,а кон која тие од Советот на млади се приклучија  втора година, има цел да ја разбуди еколошката свест кај младите.

  • Ние младите на Велес и денеска упативме бројни еколошки пораки, дека сакаме да живееме во чиста животна средина, а нашето мото е „Живеј во чиста природа, за здрав живот“ - порача  Стојкоски.

BLOG COMMENTS POWERED BY DISQUS
Пријавете се преку нашата бесплатна е-мејл претплата на услуги за да добивате известувања кога ќе има нови информации.

Најпопуларни вести во категорија Македонија