mksqen
20
Чет, Јан
0 Нови / 7 дена

Рудникот Тораница почна со работа

Рудникот Тораница почна со работа

Типографија

Рудникот за олово и цинк „Тораница“ од Крива Паланка повторно почнува со работа.

Рестартирањето на рударскиот капацитет беше одбележано  со симболичен настан во општината, во соработка со новиот концесионер, бугарската компанија „Минстрој“.

За рестартирањето „Минстрој“ во Македонија ја основаше фирмата „Булмак 2016“, која доби дозвола за експлоатација на олово и цинк. Согласно договорот со Владата, „Булмак 2016“ во август годинава го рестартираше производството и во рудникот „Злетово“ во Пробиштип.

„Минстрој“ ќе ги менаџира „Злетово“ и „Тораница“ за годишна концесија од два милиона евра. По потпишувањето на договорот концесионерот најави дека ќе ги врати на работа околу 1.000 вработени во двата рудника, со кои претходно стопанисуваше компанијата  „Индо минерали“. Во  двата рудника се очекува да бидат инвестирани над 20 милиони евра.

Во моментот во „Тораница“ се ангажирани 210 работници, инженери, стручни лица и рудари, а најавено е зголемување на оваа бројка.

  • Кога првпат дојдовме во „Тораница“ наидовме на рушевина. Денес, пет месеци подоцна, можам да кажам дека ангажираните 210 лица направија напори рудникот да биде подготвен за работа. Ние вложивме многу, инвестиравме во нови машини, нови технологии и очекуваме уште механизација да пристигне до март 2017, кога рудникот ќе остварува полн капацитет  на работење - вели Николај Влканов, претседател на бордот на директори на „Минстрој“.

Тој истакна дека луѓето се најценет капитал на една фирма, а не машините и дека платата и правото на надомест кои ги заработиле се неприкосновени.

Според последните податоци на Министерството за економија, во државава активно работат над 150 рудници претежно за експлоатација на олово, цинк, бакар, сребро и злато. Во рударскиот сектор, кој  учествува со 1,5 проценти во БДП на државата, се ангажирани околу 13.000 работници. Индексот на индустриското производство во секторот Рударство и вадење камен во период јануари - јуни годинава, во однос на истиот период лани, бележи пораст од 3,5 проценти, а на бројот на  работниците 1,4  проценти.

BLOG COMMENTS POWERED BY DISQUS
Пријавете се преку нашата бесплатна е-мејл претплата на услуги за да добивате известувања кога ќе има нови информации.

Најпопуларни вести во категорија Македонија