mksqen
19
Пет, Апр
0 Нови / 7 дена

Македонија ги разгледува влијанијата од Парискиот договор за климатски промени

Македонија ги разгледува влијанијата од Парискиот договор за климатски промени

Типографија

Македонските власти разменуваат мислења за значењето што Парискиот договор за климатски промени го има за Македонија и влијанието што неговата имплементација ќе ја има врз економијата, енергетскиот сектор, транспортот и индустријата во земјата.

Македонија беше една од 195-те држави кои во ноември 2015 го усвои овој прв универзален и правно-обврзувачки договор што треба да стапи на сила во 2020 година. На 22 април 2016 година, македонскиот амбасадор при Обединетите нации го потпиша Договорот од Париз во име на Владата на Македонија.

Средбата за Парискиот договор во Македонија се одвивала меѓу претседателот Ѓорге Иванов, заменик претседателот на Владата и претседавач со Националниот совет за одржлив развој, Владимир Пешевски, националните координатори за климатски промени и за одржлив развој на Македонија и претставници од Министерството за надворешни работи.

На средбата било оценето дека со потпишувањето на Парискиот договор во Њујорк, Македонија ја покажала својата заложба за приклучување кон светските напори за намалување на климатските промени. На средбата претседателот Иванов ја истакнал потребата од ратификација на договорот за климатски промени, по конституирањето на новиот состав на македонското Собрание.

  • По усвојувањето на историскиот климатски договор од Париз минатата година и свеченото пристапување кон договорот во Њујорк, неопходни се одлучни чекори и мерки за исполнување на неговите одредби - нагласува претседателот Иванов.

Соговорниците размениле мислења за можностите за искористување средства од фондовите за прилагодување и имплементација на обврските што произлегуваат од договорот за климатски промени.

Координативната средба е во пресрет на учеството на претседателот Иванов на Самитот за климатски промени COP22 , што во ноември ќе се одржи во Маракеш, Кралството Мароко.

BLOG COMMENTS POWERED BY DISQUS
Пријавете се преку нашата бесплатна е-мејл претплата на услуги за да добивате известувања кога ќе има нови информации.

Најпопуларни вести во категорија Македонија