mksqen
16
Вто, Апр
0 Нови / 7 дена

Се очекува голем раст на рударството

Се очекува голем раст на рударството

Типографија

Заживување на рударскиот сектор во Македонија се очекува од идната година со пуштањето на рудниците за олово и цинк Злетово и Тораница, производството на бакар во рудникот во Казан Дол, реализацијата на најавите за изградба на други рудници, но и со стабилизирањето на политичката ситуација.

Како што рече претседателот на Македонската асоцијација на рударство (МАР) Николајчо Николов, одолженото потпишување на дел од документите за концесиите токму поради актуелната политичка состојба може да влијае врз инвеститорите, тие да се повлечат и да го реализираат планираното вложување на друго место.

  • Капиталот не трпи политика. Брзината на реакција е многу важна за да ги задржиме инвеститорите заинтересирани за Македонија. Ако се откажат од кај нас, ќе инвестираат на друго место. Доделувањето на концесиите оди според предвидената динамика, но има заостанување во потпишување на потребните документи од надлежните министерства веројатно поради политичката состојба. Се надеваме дека по изборите, од идната година, рударството ќе работи во подобри околности - нагласи Николов.

Според него, металската индустрија во првите седум месеци од годинава бележи пад на производството за 9,1 отсто во споредба со истиот период лани, а причина за тоа е неработењето на рудниците за олово и цинк Злетово и Тораница. Минатата година, пак, секторот бил во релативно добра состојба со реализиран извоз од околу 150 милиони евра и увезени 110 милиони, но загрижува неметалната индустрија и тука треба да се насочат идните планови за развој и инвестиции.

  • Кај неметалите во првите седум месеци од 2015-та увозот бил 300 милиони долари, а извозот едвај 50 милиони долари. Овие бројки мора да се нагласат зашто тие покажуваат каде треба да ги насочиме развојот и инвестирањето. Диспропорцијата од 250 милиони во неметалната индустрија е значајна. Порано имавме производство на стакло, керамика, огноотпорни материјали, градежна тула, но денес тоа е намалено. Затоа дражвата во развојната програма за наредниот период треба да ги зацрта можностите што ги имаме и да ги насочи инвестициите во тој дел - порача претседателот на МАР.

Статистиката покажува дека во македонското рударство моментно се активни 173 компании кои учествуваат со 10,1 отсто во индустриското производство, додека кај преработката на неметали има 332 капацитета со 5,14 проценти учество во структурата. Бројот на вкупно вработените е 12.600 што е 1,7 отсто од вработените во земјата. Размената е генерално сведена на земјите од соседството.
Експлоатација на минерални суровини се врши на 378 локации. Доделени се концесии за истражување на 34 локации од кои 13 се за метали.

BLOG COMMENTS POWERED BY DISQUS
Пријавете се преку нашата бесплатна е-мејл претплата на услуги за да добивате известувања кога ќе има нови информации.

Најпопуларни вести во категорија Македонија