mksqen

Њу Делхи размислува да го ограничи користењето лични автомобили

Њу Делхи размислува да го ограничи користењето лични автомобили

Типографија

Здравствените власти на индискиот главен град Њу Делхи размислуваат да воведат нови ограничувања во употребата на лични автомобили, како обид да се намали загадувањето.

Станува збор за мерка што била применета и минатата година, со која наизменично еден ден имаат право да возат само автомобилите со парни броеви на регистерските таблички, а следниот ден само тие со непарни.

Поради најтешкиот смог што паднал врз Њу Делхи во последниве 20 години, милиони деца не одат на училиште, а голем број фирми ги повикале вработените да не доаѓаат на работа. Рекордната загаденост продолжува веќе втора недела, а жителите на градот се жалат на отежнато дишење, црвенило во очите и кашлица. Присуството на фините честички прашина е близу 30 пати повисоко од нормите пропишани од Светската здравствена организација. Активисти соопштуваат дека болниците се полни со болни деца.

Загадувањето се должи на комбинација од палењето на отпадот во блиските рурални области, огнометите од неодамнешниот хиндуистички празник Дивали, градежништвото и емисиите од автомобилите. Поради него, освен во Њу Делхи, посебни мерки се преземаат и во околните градови. Властите во северната држава Утар Прадеж изјавиле дека очекуваат смогот да стигне до нив за неколку дена. ВО округот Газиабад, источно од Делхи, веќе се затворале училиштата.

Во 2014 година Светската здравствена организација ја прогласи индиската престолнина за најзагаден град во светот, најмногу поради 10-те милиони автомобили низ улиците на градот. Калитетот на воздухот се влошил за кратко време поради брзиот напредок на урбанизацијата, а бил особено низок кога жителите на околните рурални области палат оган за да се греат и да готват храна во студената зима во Северна Индија.

Според податоците на УНИЦЕФ, секое седмо дете во светот, или 300 милиони, дишат токсичен воздух, со присуство на загадувачи што е над шест пати повисоко од меѓународните норми.

BLOG COMMENTS POWERED BY DISQUS
Пријавете се преку нашата бесплатна е-мејл претплата на услуги за да добивате известувања кога ќе има нови информации.

Најпопуларни вести во категорија Свет