mksqen

Крушево започна со организирано собирање на опасниот отпад

Крушево започна со организирано собирање на опасниот отпад

Типографија

Јавното претпријатие „Комуна“ од Крушево веќе четири години во соработка со Пакомак го собира пластичниот отпад, а крушевските граѓани се меѓу најодговорните во земјава во врска со селектирањето на овој вид отпад.

Сега им се отвора можност за уште повеќе да придонесат за зачувувањето на животната средина. Во соработка со Друштвото за управување со отпадот „Нула отпад“ почнува организирано собирање на опасниот отпад, како електронска и електрична опрема, и отпадни батерии и акумулатори. Досега тие се фрлаа заедно со комуналниот отпад, но сега се предвидени посебни локации за нивната селекција.

Конкретно под отпадна електронска и електрична опрема спаѓаат електричните алати, шпорети, фрижидери, перални, мали кујнски апарати, играчки, видео игри, медицински уреди, апарати за притисок, ехо апарати, камери, детектори, апарати за кафе и сок, апарати за пари, телевизори, видео рекордери, музички системи, светилки, неонки, компјутери, компјутерска опрема и мобилни телефони. Се собираат и сите видови батерии, копчестите, батериите од лаптоп и од мобилен телефон, акумулаторите и преносните батерии.

Од друштвото „Нула отпад“ истакнуваат дека без ваков вид на еколошки проект, повеќе од 90 отсто од овој отпад ќе заврши на депонија, а го дефинираат како опасен затоа што често содржи отрови и канцерогени супстанци како што се олово, жива, арсен и други На пример супстанциите кои се содржат во копчестата батерија може да загадат еден кубен метар на почва или 400 кубни метри вода.

Согласно законот, отпадните батерии, акумулатори, електронска и електрична опрема не е дозволено да се мешаат со другите типови отпад, а за оние што ќе го прекршат ова правило се предвидени казни од 60 евра. Од „Нула отпад“ информираат дека посебно внимание посветуваат на едукацијата и затоа секој крушевчанец добил флаер каде е потенцирано значењето од селектирање на овој вид на отпад, во училиштата во Крушево поставиле специјални канти, а од септември ќе започнат и со реализација на едукативни часови. Во соработка со јавното претпријатие „Комуна“ преземањето на електронскиот и електричниот отпад е бесплатно, што влева уште поголема надеж дека голем дел од жителите ќе се вклучат во акцијата и правилно ќе се ослободат од опасниот отпад, со што ќе придонесат кон успешна реализација на овој одличен еколошки проект.

BLOG COMMENTS POWERED BY DISQUS
Пријавете се преку нашата бесплатна е-мејл претплата на услуги за да добивате известувања кога ќе има нови информации.

Најпопуларни вести во категорија Македонија