mksqen
19
Пет, Апр
0 Нови / 7 дена

Водоводот, канализацијата и осветлувањето најзначајни проекти во Преспа

Водоводот, канализацијата и осветлувањето најзначајни проекти во Преспа

Типографија

Целосна реконструкција на водоводот во Ресен, подобрување на патната и комуналната инфраструктура во Преспа, на економските капацитети и развој на туризмот, се дел од капиталните проекти што општина Ресен ги релаизира изминатиот период.

Градоначалникот Ѓоко Стрезовски денеска на прес-конференција информира дека изминатите три и пол години во Преспа се реализирани над 170 проекти, а дел се во реализиација.

Еден од најзначајните проектни зафати, според него, е целосната реконструкција на градскиот водовод со замена на постојните азбестни со нови ПВЦ профилни цевки. Проектот е вреден над 800.000 евра, а средствата се обезбедени од Европската инвестициска банка, преку Владата и од донации од Швајцарската развојна агенција и УНДП.

  • Во моментов се работи на довршување на првата фаза од примарниот цевководен систем, а паралелно се одвиваат и градежно-изведбените работи на секундарните водоводни приклучоци. Во втората фаза ќе бидат опфатени уште неколку улични системи во градот, со што ќе се изврши целосна реконструкција на 13 километри од водоводниот систем во Ресен. Ова е практично најсериозниот и најкапиталниот инвестициски зафат во Ресен во последните 5-6 децении, рече Стрезовски.

Со реализацијата на овој проект, како што нагласи, граѓаните на Ресен, не само што ќе добијат здрава и квалитетна вода за пиење, туку ќе се надмине и деценискиот проблем со огромните загуби на вода, како и проблемот со честите дефекти на водоводниот систем во градот.

Градоначалникот потсети дека интензивно се работи и на целосно осветлување на сообраќајните јазли во Претор, Крани и Царев Двор, со поставување современи канделабри, како и на целосната замена на уличните светилки со најсовремени лед-светилки со кои се придонесува за квалитетно осветлување, но и енергетско штедење.

  • Со ова всушност се заокружува еден многу значаен инвестициски циклус во делот на осветлувањето, преку осветлување на сите собраќајни јазли во Преспа, посочи Стрезовски.

Во делот на заштита на животната средина, покрај големиот проект за заштита на Преспанското Езеро, кој се спроведува во соработка со УНДП, општината инвестира и во системи за регулирање на отпадните води, преку изградба на канализациски мрежи во преспанските населби.

  • Во тек е довршувањето на системот за изнесување на фекалните отпадни води во село Дрмени. Преку мали инфраструктурни проекти, низ повеќе населби во Ресен подобрено е третирањето на отпадните води, а во завршна фаза сме и со изготвување техничка документација за отпочнување изградба на канализациска мрежа во селото Стење и во уште неколку рурални населби во Преспа, информира градоначалникот Стрезовски.

Според него, туризмот е на врвот од прироритетите на општината и додаде оти тоа се потврдува со силните инвестициски вложувања.

  • Во моментов интензивно се работи на изградба на пешачко-велосипедската патека покрај брегот на Преспанското Езеро, која ќе ги поврзува туристичките населби Крани, Сливница и Претор, како дел од трите вакви туристичко-рекреативни објекти околу езерото, изјави Стрезовски.
BLOG COMMENTS POWERED BY DISQUS
Пријавете се преку нашата бесплатна е-мејл претплата на услуги за да добивате известувања кога ќе има нови информации.

Најпопуларни вести во категорија Македонија