mksqen
19
Пет, Апр
0 Нови / 7 дена

Во Пробиштип квалитетот на воздухот е на задоволително ниво

Во Пробиштип квалитетот на воздухот е на задоволително ниво

Типографија

Квалитетот на воздухот во градот Пробиштип и во близина на индустриската зона е на задоволително ниво, и покрај тоа што е почната грејната сезона.

Мерните станици покажуваат присуство најмногу до 23 микрограми ПМ10 честички на кубен метар во воздухот, а дозволената граница е 50 микрограми.

Општината Пробиштип пред неколку месеци постави две мерни станици, во центарот на градот и кај индустриската зона, каде што се наоѓаат фабриките. Резултатите од мерењето се објавуваат на веб-страницата на општината.

  • Се објавуваат податоците од едната мерна станица, бидејќи за втората има проблем со пренесувањето на информациите преку интернет. Очекуваме овие денови да биде надминат овој проблем. Инаку овие податоци од оваа мерна станица ги вадиме, ги обработуваме и ги информираме граѓаните. Досега квалитетот на воздухот во нашата општина е на задоволително ниво. Доста е ниска концентрацијата на ПМ10 честички, многу пониска од максимално дозволената граница - вели градоначалникот на Пробиштип Тони Тоневски.

Тој најави дека во 2017 година ќе биде поставена и трета мерна станица, која ќе биде обезбедена од средствата од буџетот.

  • На оваа мерна станица покрај тоа што ќе се мерат ПМ10 честичките во воздухот ќе се мерат и други материи, кои што се штетни за здравјето на луѓето, како што е присуство на сулфур. Така што постојано ќе имаме мониторинг на квалитетот на воздухот - додава Тоневски.

Пробиштип е првата  општина во источна Македонија, која постави мерни станици годинава со цел граѓаните да бидат информирани за квалитетот на воздухот. Поставувањето беше делумно изнудено од реакциите на дел граѓани и еколошки организации поради изградбата на нова леарница во градот. Камен-темелникот на леарницата беше поставен летово.

BLOG COMMENTS POWERED BY DISQUS
Пријавете се преку нашата бесплатна е-мејл претплата на услуги за да добивате известувања кога ќе има нови информации.

Најпопуларни вести во категорија Македонија